Бугарската контраразузнавачка агенција, Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), ја идентификуваше продлабочената криза во здравствениот систем на земјата како „значаен процес што создава ризици“ за националната безбедност.
Според извештајот на ДАНС, во кој увид имал Euractiv, агенцијата истакнува четири клучни сценарија поврзани со здравствената заштита што претставуваат сериозни закани за стабилноста на Бугарија.
Тие вклучуваат потенцијал за нови епидемии олеснети од миграцијата на населението од регионите опфатени со конфликти и ниските стапки на имунизација на бугарското население; ескалацијата на проблемот со антимикробната резистенција поради широката употреба на антибиотици; растечкиот недостиг од медицински персонал, особено во државните и општинските болници; и периодичниот недостиг од основни и скапи лекови.
Оваа невидена проценка го става здравството во центарот на загриженоста за националната безбедност во Бугарија, одразувајќи ја растечката загриженост за способноста на системот да одговори на заканите по јавното здравје.
Четири закани
Порастот на антимикробната резистенција (AMR), во голема мера предизвикан од прекумерната употреба и злоупотреба на антибиотици, е претставен во извештајот. ДАНС забележува дека AMR сериозно ги ограничува опциите за лекување на инфекции, претставувајќи значителна закана за јавното здравје и отпорноста на здравствениот систем.
Во докуменот на кој се повикува Euractiv, безбњедносната агенција натаму укажува на „влошувањето на дефицитот на медицински персонал, особено во јавните и локалните болници“. Овој недостиг ги продлабочува постојните нееднаквости во пристапот до здравствена заштита, особено во помалите градови и руралните региони, и го ослабува целокупниот капацитет на националниот здравствен систем.
Извештајот на ДАНС, исто така, го истакнува периодичниот недостигот од критични и скапи лекови на пазарот. Проблемите со синџирите на снабдување, растечката практика на паралелен увоз и зголемената домашна побарувачка се наведуваат како главни фактори зад овие недостатоци, кои ја загрозуваат грижата за пациентите и би можеле да ја влошат здравствената криза во случај на голема вонредна состојба.
Извештајот ја нагласува потребата од итна и координирана акција низ владините сектори за справување со овие ризици.
Лекарите повикуваат на акција
Бугарското лекарско здружение повика на зголемување на придонесите за здравствено осигурување во земјата, предупредувајќи дека здравствениот систем на Бугарија се соочува со сериозен колапс, бидејќи болниците низ целата земја ги затвораат основните услуги, вклучувајќи ги одделите за мајчинство и педијатрија.
Во соопштението, Бугарското лекарско здружение изјави дека влошувањето на ситуацијата е резултат на долгогодишно занемарување, при што цели региони сега се оставени без основна медицинска нега. Организацијата нагласи дека затворањата не се изолирани инциденти, туку дел од поширока, системска криза што го погодува целото бугарско општество.
„Најранливите болници, особено оние надвор од големите урбани центри, се оставени сами да се справуваат со хроничните проблеми“, вели Бугарското лекарско здружение. „Ова не е неуспех на поединечните институции, туку национално прашање што бара итно внимание“, се додава во соопштенеито.
Хронично недоволно финансирање, стареење на работната сила
Бугарското лекарско здружение го критикуваше постојаното недоволно финансирање на здравствениот сектор, истакнувајќи дека Бугарија издвојува најнизок дел од својот бруто домашен производ (БДП) за здравствена заштита меѓу земјите-членки на Европската унија и одржува најниска стапка на придонес за здравствено осигурување.
Тврдењата дека трошоците за здравствена заштита во Бугарија се прекумерни се неосновани, истакнува здружението, посочувајќи на споредбените податоци низ Европската Унија. „Со години се спротивставуваме на ваквите тврдења, а бројките јасно ја поддржуваат нашата позиција“, забележа Бугарското лекарско здружение.
Здружението, исто така, изрази загриженост во врска со работната сила во здравствената заштита, истакнувајќи дека голем дел од лекарите, медицинските сестри и акушерките се близу или ја поминале возраста за пензионирање, велејќи „потпирањето врз пензионерите за одржување на системот е неодржливо“.
Бугарското лекарско здружение ги повика политичките лидери и јавноста да дадат приоритет на реформата во здравствената заштита, предупредувајќи дека кризата ќе се продлабочи без значителни инвестиции и системски промени.
„Зголемувањето на придонесот за здравствено осигурување и уделот од БДП-то наменет за здравствена заштита се неопходни чекори за да се спречи понатамошен колапс“, соопшти Бугарското лекарско здружение.
Итни реформи во обуката
Меѓу дополнителните мерки предложени од Бугарското лекарско здружение се реформите во образованието и обуката на медицинските сестри и акушерките, со цел да се направат професиите попривлечни, а воедно да им се овозможи на студентите активно да учествуваат во клиничката работа за време на студиите.
Бугарското лекарско здружение, исто така, повикува на натамошен развој на механизми за поддршка на болниците кои се единствени даватели на здравствени услуги во нивните општини, со цел да се намали нивната зависност од обемот на пациенти и да се обезбеди нивната финансиска стабилност.
Со оглед на заканата дека сегашниот бран затворања (на здравствените установи) би можел да стане широко распространет, оставајќи цели региони без основна здравствена заштита, Бугарското лекарско здружение ја повикува владата да спроведе итни мерки за заштита на стабилноста на системот.
„Зголемувањето на придонесот за здравствено осигурување и уделот од БДП-то наменет за здравствена заштита се неопходни чекори за да се спречи понатамошен колапс“, предупредаат од Бугарското лекарско здружение.