Бугарија го доби првиот авион F-16 Block 70 – официјално во служба.
Бугарија денеска и официјално го воведе во оперативна служба првиот повеќенаменски борбен авион F-16 Block 70, јавува „Анадолија“. Церемонијата се одржа на воздухопловната база Граф Игнатиево.
На настанот присуствуваа министерот за одбрана Атанас Запрјанов, адмирал Емил Ефтимов, претставници од САД и извршниот директор на „Локхид Мартин“, Мајкл Шумејкер.
Ова е еден од двата авиони што САД ѝ ги предадоа на Бугарија како дел од поширокиот договор за модернизација на армијата. Вкупно 16 F-16 Block 70 ќе бидат испорачани според два договори потпишани во 2019 и 2022 година.
Новите авиони доаѓаат со напреден радар, систем за автоматско избегнување судири и модерен дисплеј во кокпитот. Тие се наменети за мисиите воздух-воздух и воздух-земја, и го приближуваат бугарското воздухопловство до стандардите на НАТО.
Запрјанов додаде дека третиот авион е веќе готов, но ќе остане во САД додека не заврши обуката на пилотите. F-16 постепено ќе ги заменат старите советски МиГ-29, кои се веќе технолошки застарени.
Од првиот договор се очекува сите осум авиони да пристигнат до крајот на 2025, а од вториот – уште осум до 2027 година.