Во раните утрински часови во населбата Обориште во Софија, 44-годишен маж изврши брутален напад со нож, при што три лица се повредени, а едно загина. Жртвата што починала е 21-годишен маж, додека 15-годишно девојче и 78-годишна жена се тешко повредени. Детето претрпело повеќекратни убодни рани, додека постарата жена има сериозни рани во стомакот и градите и се наоѓа во животна опасност, објави БНТ.
Нападот се случил околу 5:40 часот наутро, а на местото на настанот веднаш пристигнале три амбулантни возила. Девојчето било пренесено во болницата „Пирогов“, додека жената во „Царица Јоана – ИСУЛ“, каде била оперирана.
Напаѓачот е приведен, а според неофицијални информации, тој е татко на младите лица кои ги избодел. Засега не е потврдено дали постарата жена е негова мајка. Мотивот за злосторството сè уште не е познат, а истрагата е во тек.
Соседите изјавиле дека претходно не забележале конфликти во зградата и дека мажот не покажувал агресивно однесување. Еден од соседите рекол: „Излегов во 7:30 да го однесам детето во градинка. Tогаш полицијата веќе беше тука.“
Овој трагичен настан предизвика шок во локалната заедница, потсетувајќи на непредвидливоста и сериозноста на семејното насилство.

















