ПРВ.мк
Балкан

„Вучиќ неочекувано лесно го призна поразот. Се сомневам дека постигнал некаков договор за да избегне апсење“

„Вучиќ неочекувано лесно го призна поразот. Се сомневам дека постигнал некаков договор за да избегне апсење“

Политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ изнесе интересна проценка за политичката иднина на Александар Вучиќ по изборниот пораз во Србија, оценувајќи дека неговото неочекувано брзо признавање на резултатите отвора прашања за можни договори зад затворени врати.

Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, Јакшиќ изјави дека се сомнева оти Вучиќ можеби добил одредени гаранции во замена за мирно прифаќање на изборниот исход.

„Според начинот на кој Вучиќ неочекувано лесно го призна поразот, претпоставувам дека постигнал некаков договор“, изјави Јакшиќ.

Тој смета дека во моментите кога центарот на Белград бил блокиран и биле ангажирани силни полициски сили, можно е Вучиќ да добил сериозно предупредување да не прибегнува кон употреба на сила.

„Мислам дека договорот пред сè се однесува на избегнување апсење и гаранции за зачувување на одредени пари поврзани со неговото семејство и луѓето околу него“, оцени Јакшиќ.

Сепак, тој нагласи дека станува збор исклучиво за негови претпоставки, а не за потврдени информации.

Што ја очекува Србија по изборите?

Според Јакшиќ, новата власт ќе мора најпрво да се посвети на обновување на институциите, особено во судството, обвинителството, полицијата и безбедносните служби.

Тој очекува дека студентското движење располага со експертски кадар кој би можел да ја преземе одговорноста за управување со државата.

Како главни приоритети ги посочува борбата против корупцијата, воспоставувањето правна држава и враќањето на довербата во институциите.

Јакшиќ смета дека во наредните месеци би можело да дојде и до подобрување на односите со соседните земји, како и до поголема посветеност на европската интеграција на Србија.

Според неговата оценка, изборната победа на Студентската листа отвора можност за нова политичка ера, но вистинските промени ќе зависат од потезите на идната влада.