Во координирана и обемна операција под кодно име „Армагедон“, српските безбедносни служби уапсија седум лица осомничени за сериозни кривични дела поврзани со злоупотреба и експлоатација на малолетници.
Според официјалните информации, приведените – на возраст од 24 до 72 години – се сомничат дека подолг временски период преку т.н. DarkWeb преземале, чувале и разменувале недозволен материјал поврзан со сексуална експлоатација на деца.
При извршените претреси на повеќе локации, полицијата запленила компјутери, мобилни телефони и други електронски уреди со значителна количина спорен дигитален материјал. Надлежните информираат дека пронајдените содржини биле систематизирани и организирани според различни критериуми.
Осомничените се задржани до 48 часа и во законскиот рок ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство, каде ќе им бидат поднесени кривични пријави.
Акцијата ја спровеле припадници на Служба за борбу против високотехнолошког криминала во соработка со Више јавно тужилаштво у Београду, со поддршка на полициски единици од Белград, Сомбор, Ниш и Нови Сад.
Надлежните нагласуваат дека борбата против високотехнолошкиот криминал и заштитата на децата остануваат приоритет, а истрагата за овој случај продолжува.
















