Припадници на Управата на криминалистичката полиција на Србија денеска изнеле црни вреќи и кутии од просториите на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО) во Белград, во рамките на проверките за можно незаконско уништување службена документација.
Информацијата ја објави српскиот портал „Инсајдер“, а ја потврдил и Драган Домазет, главен повереник на синдикатот АСНС во Фондот ПИО.
Синдикатот поднел кривични пријави против директорот Реља Огњеновиќ и други засега неидентификувани одговорни лица, поради сомневања за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и уништување службени документи и докази.
Сомневања дека документацијата се уништувала по изборите
Според тврдењата на синдикатот, од објавувањето на резултатите од изборите на 25 октомври, во институцијата наводно се уништувале документи, дури и во текот на ноќта.
Се тврди дека документацијата била уништувана со машини за сечење хартија, зад заклучени врати во канцеларии на третиот кат од седиштето на Фондот во Белград.
Синдикатот се сомнева дека дел од документите би можеле да бидат компромитирачки за актуелното раководство.
Обвинителството нареди истрага
Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград ѝ наложило на полицијата да ги испита наводите од кривичните пријави.
Инспекторите треба да утврдат кои документи евентуално биле уништени, кој учествувал во постапката и по чиј налог се постапувало.
Дополнително, ќе се проверуваат и тврдењата дека преку Пошта Србија до пензионерите и корисниците на социјални надоместоци било испратено писмо од српскиот претседател.
Полицијата има рок од 30 дена да ги достави собраните информации до обвинителството.
Фондот ПИО ги отфрла обвинувањата
Од Фондот ПИО ги негираат сомневањата за неправилности, објаснувајќи дека уништувањето стара документација е дел од редовното работење.
Според институцијата, документите содржат доверливи лични податоци и се обработуваат и отстрануваат согласно законските прописи и безбедносните стандарди.
Засега не е утврдено дека изнесените материјали претставуваат незаконски уништена документација. Нивната содржина и евентуалната кривична одговорност треба да бидат утврдени во понатамошната постапка.









