Унгарија најави дека ќе го блокира новиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, со цел да се принуди Киев да ја обнови испораката на нафта преку нафтоводот „Дружба“. Министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, истакна дека Будимпешта нема да дозволи усвојување на одлуките важни за Украина додека не се реши прашањето со снабдувањето.
„Дружба“ пренесува руска нафта низ Украина до Унгарија и Словачка, а беше оштетен во неодамнешните руски напади. Пакетот санкции вклучува забрана за поморски услуги за танкери со руска нафта и требаше да биде разгледан на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Освен санкциите, Будимпешта најави блокада и за заемот од 90 милијарди евра за Украина, средства кои се клучни за земјата пред април. Односите меѓу Будимпешта и Киев се влошија по обвинувањата на премиерот Виктор Орбан дека Украина ја поддржува унгарската опозиција, што украинските власти го демантираа.
Поддршка за ставот на Унгарија даде и словачкиот премиер Роберт Фицо, кој закани дека Словачка ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Киев доколку не се обнови испораката на нафта преку „Дружба“. Украина веќе побара итно посредување од Европската комисија.

















