Нов инцидент денеска ја вознемири јавноста на планината Јахорина, откако малолетно дете останало да виси од седиштето на жичарата додека траел превозот.
Според информации објавени од регионални медиуми, присутните забележале дека детето не е стабилно поставено на седиштето, по што настанала паника. На видеоснимка што се споделува на социјалните мрежи се гледа како две лица го придржуваат детето, додека други притрчуваат за да помогнат безбедно да биде симнато.
Благодарение на навремената и координирана реакција на присутните, детето било успешно спуштено на земја без да дојде до потешки последици.
Овој случај доаѓа само неколку дена по претходен сериозен инцидент на истата планина, кога друго дете падна од жичара и се здоби со повреда на ногата, по што беше пренесено во болница.
Очевидци на претходниот настан изјавија дека сè се случило во рок од околу една минута, кога детето, кое било заедно со мајката на седиштето, се лизнало и паднало.
Извор: 4NEWS

















