Клучните членови на алијансата за производство на нафта ОПЕК+ објавија дека ќе го зголемат производството за 206.000 барели дневно, што е повеќе од претходните очекувања, во момент кога конфликтот меѓу Иран, САД и Израел ја зголеми неизвесноста на глобалниот енергетски пазар.
Групата, позната како В8 и составена од најголемите производители како Саудиска Арабија и Русија, како и неколку земји од Персискиот Залив, донесе одлука за „прилагодување на производството“ што ќе стапи на сила во април, со цел да се одржи стабилноста на глобалните пазари. Иако текстот на соопштението не го споменува директно конфликтот во Иран, членките на алијансата навеле стабилни економски перспективи и здрави пазарни фундаменти како главни причини за зголемувањето.
Пред состанокот, аналитичарите очекуваа поумерено зголемување од 137.000 барели дневно. Сепак, Хорхе Леон од „Раџстад енерџи“ предупреди дека договореното зголемување можеби нема да биде доволно за да се спречи нов скок на цените на нафтата, доколку конфликтот во Иран продолжи и влијае на снабдувањето.
Леон исто така предупреди на можност Иран да изврши напад врз Ормутскиот теснец, клучна бродска линија низ која се транспортира речиси една четвртина од светските залихи на нафта. Таков развој би можел дополнително да ја зголеми цената на нафтата и да создаде нови предизвици за глобалните пазари.
Одлуката на ОПЕК+ доаѓа во момент кога регионалната нестабилност и стравувањата за снабдувањето со енергенси стануваат клучен фактор за глобалната економија, а инвеститорите внимателно го следат развојот на настаните во Персискиот Залив.


















