Катедралниот храм „Света Софија“, историско седиште на МПЦ-ОА, сега е под непосредна надлежност на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, што значи дека повеќе не е дел од Дебарско-кичевската митрополија и не му е под надлежност на дебарско-кичевскиот митрополит.
Покрај црквата, во надлежност на архиепископот Стефан преминал и еден објект од комплексот на Охридски Плаошник, кој сè уште е во изградба и ќе служи за резиденцијални потреби на поглаварот и неговите високи гости. Промените се извршени минатата година, паралелно со изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.
До овој момент, архиепископот Стефан имал под директна управа само ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струга, кој е дел од Струшката парохија. Сега неговата надлежност се проширува и на историското седиште во Охрид, што долго било негова желба, но на тоа претходно се спротивставувал поранешниот митрополит Тимотеј (починат во ноември 2024 година).
Катедралната црква „Света Софија“ е најзначајниот храм на МПЦ-ОА, посветена на Христос како божествена премудрост (св. Софија), и претставува една од најважните знаменитости со средновековна архитектура и фрески во Македонија. Таа била соборна црква на Охридската архиепископија, чија власт се протегала од северот на Дунав до албанските брегови и Солунскиот залив. Се претпоставува дека црквата била изградена по мисијата на св. Кирил и св. Методиј и веројатно служела како катедрала уште во времето на цар Самоил кон крајот на X век.
Изворите на весникот ВЕЧЕР нагласуваат дека преминувањето на надлежноста не значи префрлување на седиштето на МПЦ-ОА од Скопје во Охрид, туку станува збор за историско и административно проширување на управните права на архиепископот Стефан врз овој значаен сакрален простор.

















