Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Минхенска безбедносна конференција упати критики кон заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, оценувајќи дека дел од нејзините изјави „немаат многу смисла“ и не ја одразуваат реалноста.
Вучиќ изјави дека Шекеринска, зборувајќи за сецесионизмот и за Република Српска, не сакала да ја земе предвид „вистината и очигледното“. Тој реагираше по нејзината изјава дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на НАТО и повикот земјите од Западен Балкан да се вклучат во политички дијалог за решавање на отворените прашања.
– Доколку го кажала само тоа, немаше што да додадам. Но зборуваше и за други работи што навистина немаат многу смисла – рече Вучиќ, алудирајќи на нејзините ставови за сецесионистички изјави во регионот.
Тој нагласи дека Србија нема воен сојуз со никого и дека останува воено неутрална, иако има воено-техничка соработка со повеќе од 100 држави.
Од своја страна, Шекеринска во изјава за новинската агенција Бета посочи дека НАТО не учествува во дискусиите за декларацијата меѓу Приштина, Тирана и Загреб, но дека членството во Алијансата не ги спречува земјите да склучуваат дополнителни одбранбени договори. Таа повтори дека НАТО го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската Унија.
По изјавата на Вучиќ, реагираше СДСМ, кој го обвини српскиот претседател за мизогинија и навреди кон Шекеринска.
Во реакцијата, СДСМ наведува дека нагласувањето на полот на Шекеринска е понижувачко и претставува облик на мизогинија што ја поткопува родовата рамноправност и придонесува за токсична политичка клима во регионот, изразувајќи ѝ недвосмислена поддршка.

















