ПРВ.мк
Топ Вести

СРЕЌЕН КРАЈ: Евакуирани македонски државјани од ОАЕ се враќаат дома - еве кога треба да пристигнат!

СРЕЌЕН КРАЈ: Евакуирани македонски државјани од ОАЕ се враќаат дома - еве кога треба да пристигнат!

Евакуираните македонски државјани од Обединетите Арапски Емирати, кои беа организирано префрлени со чартер-летови, се очекува да слетаат на Меѓународниот аеродром Скопје вечер околу 21:15 часот, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

На аеродромот патниците ќе ги пречека министерот Тимчо Муцунски, кој ќе ги поздрави македонските граѓани по нивното безбедно враќање.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека се организираат и дополнителни чартер-летови од Саудиска Арабија, кои ќе ги прифатат македонските државјани присутни во Катар и Кувајт. Очекувањата се овие патници да отпатуваат во среда.

– Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија и нивни граѓани да ги пренесеме во Македонија, рече Мицкоски.

Министерството потсетува дека евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток се реализира преку комерцијални чартер-летови, по договор со авиокомпанија склучен согласно Законот за јавни набавки. Според утврдениот план, се очекува до средината на следната недела сите граѓани кои изразиле подготвеност за враќање да бидат евакуирани.

Според последните податоци, Амбасадата во Доха контактирала 150 македонски државјани, од кои 95 се пријавиле за евакуација. Во Абу Даби, контакт бил воспоставен со 585 лица, како и со 36 од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Саудиска Арабија.

Министерството уште еднаш ги повикува македонските граѓани кои сè уште не контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали околу реализацијата на летовите ќе бидат дополнително утврдени во координација со економскиот оператор, а граѓаните ќе бидат навремено информирани.