ПРВ.мк
Топ Вести

Израел изведе напад: Барикади и апсења - кој е целта на нападот?

Израел изведе напад: Барикади и апсења - кој е целта на нападот?
Kristal

Гувернерот на Тубас, Ахмед ал-Асад, за „Ројтерс“ изјави дека израелските сили го опколуваат градот со поддршка на хеликоптери кои отвориле оган и воспоставуваат позиции во повеќе населби. „Се чини дека оваа операција ќе трае долго. Израелските окупациски сили ги истераа луѓето од нивните домови, заземаат покриви и изведуваат апсења“, истакна ал-Асад. На снимките објавени од локални извори се гледаат израелски оклопни возила како патролираат низ улиците, додека војници со пушки и ракетни фрлачи се позиционираат на клучни точки. Израелските сили се забележани и во соседниот град Тамун.

Портпаролот на израелската влада, Шош Бедросиан, објасни дека операцијата се спроведува „за спречување терористички активности“. Израелската војска соопшти дека нападот започнал рано утринава и учествуваат полициски и разузнавачки единици, додека повеќе детали ќе бидат објавени подоцна.

Според ал-Асад, жителите кои биле присилно евакуирани добиле наредба да не се враќаат додека операцијата не заврши, што може да потрае неколку дена. До попладне, израелските сили поставиле барикади и уапсиле најмалку 22 Палестинци.

На Западниот Брег живеат околу 2,7 милиони Палестинци, со ограничена самоуправа под израелска воена окупација, а во регионот се населени и стотици илјади израелски доселеници. Нападот во Тубас е продолжение на офанзивата на Израел која започна годинава во северниот дел на Западниот Брег, со нападот во Џенин во јануари, само неколку дена откако Доналд Трамп стапи на функцијата по втор пат.

Илјадници Палестинци биле принудени да ги напуштат своите домови, додека израелските сили воспоставуваат долготрајно присуство во некои градови, нешто што не се случувало со децении. Организацијата Human Rights Watch го обвини Израел за воени злосторства и злосторства против човештвото поради „присилни протерувања“, што Израел ги негира.

Во последните месеци се забележува и значително зголемување на насилството од страна на израелските доселеници врз палестинските жители, додека приведувањата и судските постапки против сторителите се ретки, предизвикувајќи критики кон премиерот Бенјамин Нетанјаху. Хамас, кој минатиот месец се согласи на примирје во Газа, ја осуди операцијата во Тубас и повика на интервенција од меѓународната заедница за нејзино запирање.

Од нападот на Хамас на 7 октомври пред две години, Израел ги заостри ограничувањата за движење низ Западниот Брег, поставувајќи нови контролни пунктови и барикади, што практично го блокира пристапот до некои палестински заедници.

Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape
DIK