Корисниците на AI моделот Gemini, кои не ја плаќаат услугата, отсега можат бесплатно да ја користат експерименталната верзија на Gemini 2.5 Pro.
Google соопшти дека Gemini 2.5 Pro стана бесплатен за сите корисници, иако доаѓа со построги ограничувања за оние што не се претплатници. Google го претстави Gemini 2.5 Pro минатата недела и го нарече „најинтелигентниот AI модел досега“, а прво го добија корисниците на Gemini Advanced. Сепак, сега е достапен во Google AI Studio и во апликацијата Gemini.
Иако корисниците можат бесплатно да го испробаат експерименталниот модел, од Google додаваат дека „корисниците на Gemini Advanced имаат проширен пристап и значително поголем контекстуален прозорец“. Експерименталниот Gemini 2.5 Pro е првиот од моделите Gemini 2.5 на Google што „размислуваат“. Во блогот, компанијата објасни дека тоа се однесува на способноста за анализирање информации, извлекување логички заклучоци, вклучување контекст и препознавање и интерпретација на суптилни разлики во значењето на зборови, фрази или реченици, како и донесување информирани одлуки.