Зеленски: Подготвени сме да го почитуваме велигденското примирје – ако и Русија го стори истото
Украина е подготвена да го почитува велигденското примирје што денеска го најави рускиот претседател Владимир Путин, но само доколку Русија навистина го запре огнот. Ова го истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалната мрежа Х, притоа повикувајќи на продолжување на примирјето и по Велигден.
„Ако навистина дојде до целосен прекин на огнот, Украина предлага истиот да продолжи и по Велигден – до 20 мај. Триесет часа не се доволни за вистинска доверба. Триесет дена, можеби, се“, напиша Зеленски.
Сепак, според информациите што ги добива од врховниот командант Олександр Сирски, руските напади не престануваат. Напротив – офанзивните операции се интензивираат, а артилерискиот оган продолжува без прекин.
„Не им веруваме на зборовите од Москва. Премногу добро знаеме како манипулираат. Затоа сме подготвени на сè“, порача Зеленски.