Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати итен и драматичен апел до лидерите на Европа, барајќи јасни и конкретни гаранции за безбедноста на Украина во случај на нова руска офанзива.
На виртуелен состанок со претседателот на Полска и лидерите на Естонија, Латвија, Литванија и Данска, Зеленски постави директни прашања: „Кој ќе нè штити на копното, во воздухот и на морето ако Русија повторно тргне во напад? Како вие ќе учествувате во нашата одбрана? Барам да ја дефинирате својата улога.“
Тој истакна дека е клучно американскиот претседател Доналд Трамп да види единство и решителност од Европа во заложбата за завршување на војната. Зеленски повтори повик за засилување на санкциите против Москва како неопходен чекор за ставање крај на крвавите конфликти.
Одговарајќи на вчерашниот брутален руски напад врз Киев, кој однесе живот на најмалку 23 цивили, меѓу кои и деца, Зеленски рече: „Ова е Путинов одговор на повиците од светот да престане со војната. Русија одби да ги прифати дури и барањата на претседателот Трамп да запре со убиствата. Ги гледаме јасните негативни сигнали од Москва околу можниот самит. Искрено веруваме дека Путин сака само продолжување на војната.“
Токму затоа, Зеленски порача: „Ни треба нов, силен притисок врз Русија – остри санкции и високи царини, од Европа и Америка, за да се стави крај на оваа криза.“