Пакистан тврди дека Индија планира воен напад во следните 36 часа
Исламабад – Пакистанскиот министер за информации, Атаулла Тарар, изјави дека земјата располага со сериозни разузнавачки податоци според кои Индија планира воена акција во рок од 24 до 36 часа. Според Тарар, Индија сака да го искористи неодамнешниот напад во Кашмир како изговор за агресија.
Напнатоста меѓу двете нуклеарни сили повторно е на високо ниво. Минатонеделниот напад во индискиот дел на Кашмир, во кој загинаа 26 лица, дополнително ги влоши односите. Индија директно го обвини Пакистан за нападот, но Исламабад ги отфрла обвинувањата и бара независна меѓународна истрага.
Pakistan has credible intelligence that India intends carrying out military action against Pakistan in the next 24-36 hours on the pretext of baseless and concocted allegations of involvement in the Pahalgam incident.Indian self assumed hubristic role of Judge, Jury and…pic.twitter.com/WVW6yhxTJ0— Attaullah Tarar (@TararAttaullah)April 29, 2025
Размена на мерки и обвинувања
По нападот, двете страни презедоа сериозни чекори една против друга. Индија го суспендираше клучниот билатерален договор за вода, додека Пакистан одлучи да го затвори својот воздушен простор за индиските авиони.
Министерот Тарар преку социјалната мрежа X предупреди дека „Пакистан ќе одговори силно на било каква индиска агресија“ и ја предупреди Индија дека ќе сноси одговорност ако ситуацијата во регионот ескалира до точка без враќање.
Од индиската влада засега нема официјална реакција на овие тврдења, но премиерот Нарендра Моди претходно изјави дека оние што стојат зад нападот во Кашмир ќе бидат пронајдени и казнети.
Кашмир – долгогодишно жариште
Ситуацијата дополнително ја комплицира долгогодишниот територијален спор околу Кашмир, регион што и Индија и Пакистан го сметаат за своја територија. Двете земји веќе имаат водено неколку војни поради ова подрачје.
Пакистанскиот министер за одбрана, во одвоено соопштение, изјави дека воен напад од Индија е „многу веројатен“, но додаде дека Пакистан би употребил нуклеарно оружје само ако неговиот национален опстанок е директно загрозен.
Ситуацијата е крајно затегната, а меѓународната заедница со загриженост го следи развојот на настаните, надевајќи се дека нема да дојде до вооружен судир со далекусежни последици.