ПРВ.мк
Свет

Западнонилската треска зема замав во Европа: За неколку недели бројот на случаи нагло пораснал

Западнонилската треска зема замав во Европа: За неколку недели бројот на случаи нагло пораснал

Бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска во Европа продолжува да расте. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), до 3 септември во 15 европски земји се регистрирани најмалку 1.086 случаи.

Најголем број заразени има во Италија – 516, додека Грција е на второто место со 284 случаи. Следуваат Шпанија со 88, Романија со 56, Македонија со 55, Франција со 36 и Србија со 18 регистрирани случаи.

Бројките покажуваат значително зголемување во текот на последните недели. На почетокот на август во седум европски земји биле пријавени нешто повеќе од 240 случаи.

Според податоците, случаи досега се регистрирани во 144 подрачја низ Европа, а ECDC предупредува дека официјалните бројки не мора целосно да ја прикажуваат распространетоста на вирусот.

Западнонилскиот вирус најчесто циркулира меѓу дивите птици и комарците, а луѓето можат да се заразат преку убод од инфициран комарец.

Кај голем дел од заразените нема изразени симптоми. Според германскиот Институт „Роберт Кох“, околу 20 проценти развиваат треска и симптоми слични на грип, додека тешка форма на болеста се јавува кај приближно еден од 100 заразени.

Најдобрата превенција останува заштитата од убоди од комарци, особено во периоди и подрачја каде што е регистрирана поголема активност на вирусот.