Вистинска драма се одвивала доцна синоќа на автопат во американската сојузна држава Тексас, кога деловен авион се урнал при пристигнување во градот Ларедо и за неколку моменти бил зафатен од пламен. Во трагичната несреќа едно лице го загубило животот, додека очевидци со сопствени сили се обидувале да ги извлечат патниците од леталото.
Според информациите од локалните власти, во авионот имало шест лица во моментот кога се урнал на автопатот „Луп 20“, кратко по 22 часот по локално време. Засега не е потврдено дали загинатото лице било патник во авионот или се нашло на патот во моментот на несреќата.
По падот, авионот бил зафатен од пожар, а на местото веднаш пристигнале спасувачки и полициски екипи. Петмина полицајци биле пренесени во болница поради вдишување чад за време на интервенцијата.
Станува збор за двомоторен авион од типот „Цесна“, кој претходно полетал од Меѓународниот аеродром Лос Кабос во Мексико. Несреќата се случила непосредно пред слетувањето во Ларедо, град кој се наоѓа во јужниот дел на Тексас.
Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат дека авионот по ударот во заштитната ограда на автопатот се превртел на страна, а опашниот дел целосно се одвоил од трупот на леталото.
Меѓу првите кои пристигнале на местото била и очевидката Зајра Гарза. Таа раскажала дека авионот веќе бил во пламен кога стигнала, а во пилотската кабина забележала лице кое очајнички се обидувало да скрши прозорец за да се извлече.
Неколку возачи веднаш ги запреле своите автомобили и без двоумење притрчале да помогнат. Според Гарза, од леталото успеале да излезат три лица кои изгледале како тинејџери, а потоа и едно лице за кое претпоставува дека било пилотот. Во исто време, друг член на екипажот се обидувал да извлече патник кој бил во бессознание.
„Изгледаше како сцена од филм. Бев во шок. Најмногу се плашев дека авионот може да експлодира секој момент“, изјавила очевидката.
Причините за несреќата сè уште не се познати и се предмет на истрага. Надлежните служби работат на утврдување на сите околности што довеле до падот на авионот.
Компанијата „NetJets“, чиј авион бил вклучен во несреќата, потврди дека целосно соработува со истражните органи. Компанијата е дел од инвестициската групација на милијардерот Ворен Бафет и е позната по услугите за делумна сопственост и користење на приватни авиони.









