Два дена по нападите на САД и Израел врз Иран, првиот патнички авион полета од Абу Даби, во момент кога воздушниот сообраќај во регионот постепено се обновува.
Според податоците објавени на платформата Flight Radar, авионот полетал од Обединетите Арапски Емирати со 29 минути задоцнување, во 14:39 часот по локално време, а неговата крајна дестинација е Лондон, каде што се очекува да слета во 18:10 часот.
Конфликтот, кој започна во саботата наутро со нападите врз Иран, доби пошироки размери. Меѓу погодените земји се и Обединетите Арапски Емирати, Катар и Бахреин, додека експлозии беа пријавени дури и на Кипар.
Аеродромите во Дубаи, Абу Даби и Доха – едни од најпрометните во светот – привремено ги прекинаа операциите, што предизвика хаос во меѓународниот воздушен сообраќај. Овој лет се смета за прв сигнал дека состојбата почнува постепено да се стабилизира.


















