Трамп: Крим ќе остане руски, Украина нема да влезе во НАТО
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во најново интервју за магазинот Time изјави дека е подготвен да го признае анектираниот Крим како дел од Русија, притоа изразувајќи скептицизам во однос на можноста Украина некогаш да стане членка на НАТО.
Трамп повторно ја обвини Украина дека го предизвикала воениот конфликт со Русија, наведувајќи дека нападот од страна на Москва бил резултат на стремежите на Киев да се приклучи кон Северноатлантската алијанса.
„Мислам дека војната започна кога почнаа да зборуваат за влез во НАТО. Крим ќе остане руски“, изјави американскиот претседател.
На прашањето зошто претходно тврдел дека ќе го заврши воениот конфликт „првиот ден“ откако ќе дојде на власт, Трамп појасни дека станувало збор за фигуративен израз.
„Тоа беше претерување, кажано за да се потенцира сериозноста. Но, како и обично, лажните медиуми го издигнаа тоа на поинакво ниво. Луѓето, секако, разбираат дека не го мислев тоа буквално – но поентата е дека е време овој конфликт да заврши“, додаде Трамп.