Американската крајбрежна стража и Одборот за поморски истраги (MBI) по двегодишна истрага објавија извештај во кој се утврдува дека компанијата „OceanGate“, одговорна за подморницата „Титан“, која во 2023 година имплодираше за време на нуркање кон остатоците од Титаник, имала „критично недоволни безбедносни практики“ и „токсична работна култура“.
Извештајот од 335 страници посочува дека „OceanGate“ не ги почитувала инженерските протоколи за безбедност, тестирање и одржување на подморницата. Компанијата успеала да ја избегне регулаторната контрола со „тактики на заплашување“ и создавање регулаторна конфузија, што ѝ овозможило да управува со „Титан“ надвор од воспоставените безбедносни стандарди за длабоко море.
Претседателот на МБИ, Џејсон Нојбауер, истакна дека трагедијата со загубата на пет животи можела да се спречи, посочувајќи на потребата од посилен надзор и јасни упатства за операторите кои работат со нови технологии надвор од постојната регулаторна рамка.
Во извештајот се посочува дека главните причини за несреќата биле лошото справување со инженерските проблеми и недоволната свест за опасностите што ги носи длабокото морско опкружување. И покрај оштетувањата на трупот, компанијата продолжила да ја користи подморницата, додека раководството создадало „лажно чувство на безбедност“ преку претставување на „Титан“ како „неуништлив“.
Дополнително, се наведува дека и државните институции пропуштиле шанса да интервенираат навремено, што можеше да спречи инцидентот или да ги запре експедициите кон Титаник.
Овој извештај ја нагласува потребата од строги безбедносни мерки и подобар надзор за новите поморски технологии за да се спречат слични трагедии во иднина.