Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц, ќе ја напушти функцијата по скандалот во кој новинар случајно беше вклучен во разговор меѓу функционери за воздушни напади врз Јемен, објавија американските медиуми.
Волц и неговиот заменик Алекс Вонг треба да си заминат, јави Си-Би-Ес њуз, додека Фокс њуз соопшти дека се очекува Трамп наскоро да даде коментар за тоа прашање.
Поранешниот американски конгресмен е првиот голем функционер што ја напушта администрацијата во вториот мандат на Трамп.
Официјален претставник на Белата куќа не ги потврди извештаите, нагласувајќи дека „не сакаат да прејудицираат со какво било соопштение“. Во крајот на март Волц изјави:
„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов таа група“. Таа изјава беше дадена во првото интервју откако беше откриено дека новинарот на Атлантик по грешка бил ставен во групен разговор со високи функционери каде што се споделувале информации за нападот врз хутите во Јемен.