Шпанија прогласи вонредна состојба по масовниот прекин на струја
Министерството за внатрешни работи на Шпанија прогласи вонредна состојба во регионите најтешко погодени од денешниот општ прекин на електричната енергија. Најсериозно се погодени Мадрид, Андалузија и Естрамадура, од каде локалните власти побараа интервенција од централната влада за одржување на јавниот ред и нормално функционирање на основните служби.
Прекинот на струјата предизвика сериозни последици – откажани се авионски летови, во голем дел од урбаните подрачја не работат семафорите, а жителите се жалат дека немаат пристап до мобилна мрежа и интернет.
Компанијата за електродистрибуција „Ред Електрика“ информираше дека до вечерва е повторно воспоставен пристап до електрична енергија во околу 20% од погодените региони. Сепак, голем дел од Шпанија и соседна Португалија и понатаму се без струја.
Иако засега нема официјално потврдена причина за колапсот на мрежата, се претпоставува дека станува збор за повеќекратни дефекти кои довеле до преоптоварување и пад на системот.