Положбата во која спиеме влијае на здравјето на срцето, мозокот и ’рбетот: Еве што препорачуваат експертите
Начинот на кој спиеме не влијае само на квалитетот на сонот, туку има и значајно влијание врз здравјето на срцето, мозокот и ‘рбетниот столб, предупредуваат експертите за спиење.
Спиењето на страна е најчестиот избор, а левата страна особено се препорачува за бремени жени и лица со желудочен рефлукс. За луѓето со срцеви заболувања, пак, подобро е спиењето на десна страна, бидејќи така се намалува оптоварувањето на срцето. Дополнително, истражувањата покажуваат дека десната страна придонесува за поефикасно „чистење“ на токсини од мозокот, што може да го намали ризикот од деменција. Сепак, оваа положба знае да предизвика болки во колковите и рамената, па се препорачува поставување на перница меѓу колената.
Спиењето на грб овозможува правилно порамнување на ‘рбетот и може да биде корисно за лица со болки во долниот дел на грбот. Сепак, кај лица со прекумерна тежина може да предизвика проблеми со дишењето и да го зголеми ризикот од апнеа. За подобра поддршка, се препорачува перница под колената.
Од друга страна, спиењето на стомак го намалува хрчењето, но го оптоварува вратот и долниот дел на грбот. Ако се одлучите за оваа положба, користете тенка перница под главата и дополнителна под колковите за да се намали напнатоста.
Совети за намалување на болките:
Болка во рамото: Спијте на здрава страна или на грб со поддршка на раката преку поголема перница.
Болка во грбот: Користете перница под колената (ако спиете на грб) или меѓу колената (ако спиете на страна).
Болка во вратот: Перницата треба да го поддржува вратот; избегнувајте спиење на стомак.
Апнеа: Најдобро е да спиете на страна или стомак.
Рефлукс: Подигнете го узглавјето или користете повеќе перници.
Болка во петата: Чувајте ги стапалата во опуштена положба.
Разбирањето на овие препораки и приспособување на положбата за спиење може значително да го подобри општото здравје и благосостојба.