Меѓусебни обвинувања за прекршување на примирјето меѓу Русија и Украина
Русија и Украина денеска повторно се обвинија меѓусебно за прекршување на тридневното примирје што го прогласи рускиот претседател Владимир Путин. Според украинскиот Генералштаб, во изминатите 24 часа регистрирани се речиси 200 судири на фронтот.
Најжестоки борби се воделе околу стратешкиот рударски град Покровске во источниот дел на Доњецката област, каде украинските сили, според официјалните информации, успешно одбиле 71 руски напад. Гранатирани биле и повеќе населени места во близина на линијата на фронтот.
Од другата страна, руските власти известија за украински напад со дрон врз административната зграда во белгородскиот регион. Гувернерот Вјачеслав Гладков на платформата Телеграм објави видео-снимка која, како што тврди, ги прикажува последиците од нападот. На видеото се гледаат метални остатоци, за кои се претпоставува дека се делови од дронот, но не се забележуваат значајни оштетувања на зградите. Според Гладков, нема загинати или повредени.
Ниту една од информациите од теренот не може да се потврди од независни извори.
Примирјето, кое Путин го објави како „хуманитарен гест“, треба да заврши во сабота вечер. Тоа се совпаѓа со руската прослава на 80-годишнината од победата над нацистите во Втората светска војна, која се одбележува со голема воена парада на Црвениот плоштад во Москва. Украина, пак, тврди дека прекинот на огнот е само „илузија“ и повика да се продолжи на период од 30 дена.