Рускиот претседател Владимир Путин денеска јавно призна дека и покрај значителниот пораст на военото производство во изминатата година, Русија сè уште се соочува со недостиг од одредени видови оружје.
Говорејќи на состанокот на Државната воено-индустриска комисија, Путин посочи дека руската армија минатата година добила повеќе од 4.000 оклопни возила, 180 борбени авиони и хеликоптери, како и над 1,5 милиони дронови од различни типови. Сепак, според него, постојат сериозни недостатоци во снабдувањето со друга воена опрема.
„Свесен сум, како и многумина од вас овде, дека постојат сериозни дефицити кога станува збор за одредени видови оружје. Снабдувањето на нашите сили во зоната на специјалната воена операција останува апсолутен приоритет,“ изјави Путин, пренесе новинската агенција РИА Новости.
Изјавата доаѓа во време на сè поголем притисок врз руската воена машинерија, во услови на долготрајна и интензивна конфронтација на фронтот. Ваквото признание од врвот на руската власт дополнително ја потврдува сложеноста и оптовареноста на воената логистика во услови на активен конфликт.