Во Кремљ се одржуваат разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, јавуваат руските медиуми. Средбата се одвива во рамки на официјалната посета на кинескиот лидер на Русија, која ќе трае до 10 мај.
Путин му се заблагодари на Си за посетата и ја изрази својата подготвеност да возврати со посета на Кина во блиска иднина. Двајцата лидери ја потенцираа важноста на развојот на билатералните односи, нагласувајќи дека соработката меѓу Москва и Пекинг е насочена во корист на нивните народи, а не против трети страни.
Во заедничкото соопштение, тие ја истакнаа својата определба за „одбрана на историската вистина за Втората светска војна“ и потврдија дека ќе продолжат да работат на реализација на серија билатерални договори.
„Пред осум децении, со огромни жртви, народите на Русија и Кина постигнаа историска победа и дадоа значаен придонес кон светскиот мир и човечкиот напредок“, изјави Си Џинпинг за време на средбата.
Состанокот доаѓа во време на засилена геополитичка соработка меѓу двете земји, која се одвива под зголемено внимание од меѓународната заедница.