ПРВ.мк

Отворена истрага против Клаус Шваб – испливаа вознемирувачки детали

Отворена истрага против Клаус Шваб – испливаа вознемирувачки детали
Jumbo Banner

Светскиот економски форум покренува истрага против основачот Клаус Шваб

Управниот одбор на Светскиот економски форум (СЕФ) отвори официјална истрага против основачот и поранешен претседател Клаус Шваб, поради сомнежи за финансиски нерегуларности и етички прекршоци. Според Wall Street Journal, истрагата започнала откако до управата пристигнало анонимно писмо од укажувач на неправилности, во кое се изнесуваат сериозни обвинувања на сметка на Шваб и неговата сопруга Хилда.

Изворите на американскиот весник откриваат дека одлуката за итно отворање на постапка била донесена на вонреден состанок, одржан на денот на Велигден.

Во писмото, меѓу другото, се наведува дека Шваб и неговата сопруга со години ги мешале приватните и професионалните интереси, користејќи ресурси на Форумот за лични цели. Наводно, Клаус Шваб давал наредби на вработени да му подигнуваат готовина од банкомати, а парите од организацијата ги користел за лични услуги, вклучително и масажи во хотелски соби. Се тврди и дека Хилда Шваб организирала „симболични настани“ во рамките на форумот, само за да оправда раскошни патувања и луксузни одмори.

Загриженост за управувањето и организациската култура

Анонимниот укажувач посочува и на подлабоки структурни проблеми во раководењето со СЕФ. Според него, долги години изостанувал соодветен надзор врз трошењето средства, а семејството Шваб уживало практично неограниченo влијание во организацијата.

Како одговор на новонастанатата криза, СЕФ објави дека Клаус Шваб официјално се повлекол од раководната функција, а за вршител на должност е назначен потпретседателот Петер Брабек-Летмат. Шваб, кој има 88 години, како формална причина за повлекувањето ја наведе својата возраст.

Да потсетиме, во мај 2024 година беше најавено дека Шваб ќе се повлече од функцијата претседател и ќе стане неизвршен директор. Сепак, само еден месец подоцна, Wall Street Journal објави уште еден вознемирувачки извештај, повикувајќи се на сведоштва од вработени, кои раководството – вклучувајќи го и Шваб – го обвинија за системска дискриминација и вознемирување на жени и припадници на афроамериканската заедница.

Новата истрага дополнително го нарушува угледот на човекот што стоеше зад една од највлијателните меѓународни организации. Како што пренесуваат западните медиуми, последиците по репутацијата на СЕФ би можеле да бидат сериозни и долгорочни.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран