Украина ја одби Москва, но може да заврши во канџите на американските корпорации
По речиси една деценија борба за независност од руското влијание, Украина се соочува со нов предизвик – опасноста од економска зависност од Соединетите Американски Држави. Иако земјата ја одби опцијата за мировни преговори со Русија и избра воена одбрана, сега се отвора ново прашање: ќе стане ли Украина нов економски плен на американските интереси?
Според извештај на Deutsche Welle, по доаѓањето на власт и неговите тврдења дека ќе стави крај на војната во рок од 24 часа, Доналд Трамп го насочи вниманието кон природните ресурси на Украина, особено ретките минерали. Иако договорот сè уште не е официјализиран, неговата администрација веќе работи на услови кои, според украинските политичари, можат да се протолкуваат како економско ропство.
Клучна точка на судир меѓу Киев и Вашингтон стана прашањето за контрола врз експлоатацијата на ретките минерали, како и гасоводот кој до скоро служеше за извоз на руски гас во Европа. Плановите на Вашингтон предвидуваат гасоводот да биде под надзор на државната американска агенција International Development Finance Corporation (IDFC).
Украинскиот опозициски пратеник Јарослав Железњак, член на партијата „Голос“, изрази незадоволство од предложените услови:
„Неприфатливо е тоа што сите износи треба да се пресметуваат во долари, а приходите да се чуваат надвор од Украина“, напиша тој на својот Телеграм канал.
Според предлог-договорот, приходите најпрво би се префрлале во САД, а Украина би добила дел дури откако ќе ја отплати сета воена и економска помош добиена од Вашингтон од почетокот на инвазијата. Дополнително, доколку профитот не ги исполни очекувањата, Киев ќе мора да ја надомести разликата од сопствени средства.
Претседателот Володимир Зеленски, кој неформално им се обрати на украински новинари, посочи дека зад зголемениот американски апетит стои министерот за финансии Скот Бесент. Тој истакна дека Киев не може да ги прифати сите нови барања, особено правото на вето од страна на САД врз сите идни инвестиции поврзани со експлоатацијата на минералните ресурси.
Дополнителна загриженост постои и во однос на европската интеграција на Украина – ваков договор со САД може да влезе во судир со регулативите на Европската Унија, за која земјата има јасна аспирација.
Украинската потпретседателка и министерка за правда, Олга Стефанишина, соопшти дека преговорите не се завршени. „Испративме нов предлог до САД минатата недела и сè уште се надеваме на заемно прифатливо решение“, изјави таа.
Сѐ погласни се и споредбите со ситуацијата во Ирак, каде природните богатства беа ставени под контрола на американски компании по инвазијата во 2003 година.
Иронијата е очигледна: Украина се обиде да избега од влијанието на Москва, а сега ризикува да стане економски заложник на Вашингтон.