Трамп предложи мировен план: Путин да задржи најголем дел од освоената територија во Украина
Според нов предлог за мировен договор што го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин би можел да ја задржи речиси целата територија која ја зазеде во Украина, пишува Daily Mail. Планот предвидува замрзнување на моменталната линија на фронтот, со што би се овозможило на Русија да ги задржи најголем дел од окупираните области. Сепак, Москва би морала да се повлече од две помали зони под руска контрола.
Украина, според предложениот план, би добила неограничен пристап до устието на реката Днепар, а Русија би морала да се повлече и од дел од Херсонската област.
Мировни разговори во Лондон
Денеска во Лондон се одржуваат состаноци помеѓу претставници на САД, Велика Британија, неколку европски земји и Украина, со цел да се поттикне напредок во мировните преговори меѓу Киев и Москва. Американскиот специјален пратеник, генерал Кит Келог, ќе учествува во разговорите и ќе се обиде да ја добие поддршката на Украина за планот.
Сепак, државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој минатата недела учествуваше во разговорите во Париз, нема да биде присутен поради „обврски во агендата“, што покрена сомнежи дали Вашингтон ги намалува очекувањата од преговорите.
Иако Трамп изјави дека се надева оти договор ќе се постигне уште оваа недела, многу дипломати остануваат скептични, укажувајќи на големите разлики што сè уште постојат меѓу двете страни. Очекувањата за пробив се умерени, и покрај притисокот од страна на Трамп ова да биде клучен момент за решавање на конфликтот.
Следните чекори и спорни прашања
Ако денешните разговори донесат напредок, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф ќе го претстави планот пред Путин. Но, нејаснотиите околу безбедносните гаранции за Украина и потенцијалната неподготвеност на Русија да отстапи територии можат да бидат сериозна пречка.
Според информации на The Telegraph, мировниот план содржи три клучни точки: првата е моментално примирје – нешто што украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе го прифатил во принцип. Втората точка се однесува на контролата на територијата, а третата – најконтроверзна – предвидува Украина да се откаже од настојувањата за членство во НАТО, иако би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската Унија.