ПРВ.мк

Нова истрага за нападите на 11 септември: Човек близок до Трамп со поинакви тврдења од официјалните

Нова истрага за нападите на 11 септември: Човек близок до Трамп со поинакви тврдења од официјалните
Jumbo Banner

Американски сенатор Рон Џонсон најави нова истрага за нападите на 11 Септември

Претседателот на истражниот подкомитет при американскиот Сенат, Рон Џонсон од Републиканската партија, најави повторно отворање на истрага за терористичките напади на 11 септември 2001 година, кои ги урнаа кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.

Џонсон, кој важи за претставник на порадикалното крило на Републиканската партија и близок до поранешниот претседател Доналд Трамп, ја донесе одлуката во својство на претседател на овој подкомитет. Оваа најава доаѓа еден ден по неговото појавување во подкаст со екстремно десничарскиот активист Бени Џонсон, каде што разговараше за различни теории на заговор поврзани со настаните од 11 септември.

Џонсон во разговорот посочи дека „една од зградите во близина на Светскиот трговски центар била урната со контролирана експлозија“ – тврдење што долго време кружи меѓу теоретичарите на заговор, но никогаш не било потврдено со кредибилни докази.

Исто така, тој ги нарече претходните официјални истраги „корумпирани“ и изјави дека „Американците всушност ништо не знаат за 11 септември“. Џонсон додаде дека е свесен оти ваквите изјави го етикетираат како теоретичар на заговор, но нагласи дека е „апсолутно сигурен дека станува збор за прикривање“.

Вреди да се потсети дека американскиот Конгрес веќе одржа стотици сослушувања за нападите, со фокус на тоа што можела да направи администрацијата на тогашниот претседател Џорџ Буш за да ги спречи трагичните настани.

Нападите на 11 септември беа изведени од терористичката организација Ал Каеда. Четири патнички авиони беа киднапирани – два удрија во кулите на Светскиот трговски центар, еден во Пентагон, а четвртиот се урна во поле во Пенсилванија. Во нападите загинаа 2.996 лица.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран