Конфликтот на Блискиот Исток би можел да потрае најмалку до септември, дури и ако премине во понизок интензитет, тврдат три различни извори блиски до американската администрација и сојузниците, пренесуваат странски медиуми. Овие проценки ја доведуваат во прашање надежта за брзо дипломатско решение.
Според информациите, ситуацијата на терен не покажува знаци на смирување. Израел продолжува со операции против Хезболах во Либан, додека Иран возвраќа со напади врз енергетски објекти во Обединетите Арапски Емирати, што дополнително ја продлабочува кризата.
Аналитичарите оценуваат дека конфликтот веќе влегол во нова, втора фаза. Во неа, Израел ќе продолжи со удари врз иранската воена инфраструктура, додека САД ќе се фокусираат на обезбедување на поморските рути и заштита на своите сојузници во регионот.
Според проценките, Иран нема лесно да се повлече од конфликтот, бидејќи располага со предности како географската позиција, времето и асиметричниот начин на војување. Колку подолго трае кризата, толку поголеми ќе бидат последиците за сите страни, но иранскиот режим, според аналитичарите, има поголема издржливост на притисок.
Во меѓувреме, Доналд Трамп го одложи планираното патување во Кина, нагласувајќи дека сака да остане фокусиран на развојот на ситуацијата. Паралелно, дипломатските активности продолжуваат, но засега без јасни резултати за брз крај на конфликтот.


















