Западната стратегија за слабеење на Русија не успеа, санкциите не го постигнаа својот ефект, а Русија го спречи влезот на Украина во НАТО — изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесе унгарската агенција МТИ.
„Никој не се осмелува да го признае тоа, но ние го изгубивме овој војна,“ рече Орбан, алудирајќи на неуспехот на Западот да го постигне посакуваниот резултат во конфликтот со Русија. Тој нагласи дека руската економија не доживеала колапс, како што предвидуваа многумина на почетокот од санкциските мерки.
Обраќајќи се на собирот на претседатели на националните парламенти од земјите членки на Европската Унија и претседателот на Европскиот парламент, Орбан додаде дека и покрај ваквата реалност, Европа продолжува со поддршка на воените дејства во Украина, „однесувајќи се како победата да е сè уште достижна“.
Унгарскиот премиер оцени дека светот се наоѓа во период на трансформација кој може да се спореди со раѓањето на националните држави и Вестфалскиот мир.
„Менталитетот на западниот свет се менува, а Европејците мора да дадат одговор на овие процеси. За жал, Европа не е подготвена за тоа,“ рече Орбан. Тој додаде дека европската политика се обидува да реши проблеми на новото време со решенија од минатото.
„Како да сакаме да ги решиме проблемите на следната деценија со одговори од претходната. Но, старите вистини повеќе не функционираат — светот се промени, а ние, Европејците, не успеавме да го следиме тој пример,“ заклучи Орбан.