Шест лица, меѓу кои и извршниот директор на „Сименс“ за железничка инфраструктура, Агустин Ескобар, загинаа во пад на туристички хеликоптер во реката Хадсон, во близина на Менхетн, Њујорк.
Германската компанија „Сименс“ потврди дека Ескобар, заедно со своето семејство, бил меѓу жртвите.
„Длабоко сме потресени од трагичната несреќа која го однесе животот на Агустин Ескобар и неговото семејство. Нашето најискрено сочувство до неговите блиски“, се наведува во соопштението од „Сименс“.
Несреќата се случила на страната на реката поблиску до Њу Џерси, а според градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, сите шест патници, меѓу кои пилотот, две возрасни лица и три деца – туристи од Шпанија, го загубиле животот.
Очевидци изјавиле дека несреќата ја придружувала силна експлозија налик на пробивање на звучен ѕид, по што хеликоптерот се преполовил при ударот во водата. Американската крајбрежна стража веднаш ја прекинала пловидбата во тој дел од реката.
Извршниот директор на компанијата „New York Helicopter Tour“, во чија сопственост било леталото, Мајкл Рот, за британскиот „Телеграф“ изјави дека пилотот неколку минути пред падот пријавил потреба од гориво и планирал итно слетување.
„Пилотот јави дека му е потребно гориво и дека ќе слета за три минути, но 20 минути подоцна, немаше никаков контакт“, изјави Рот.
Причините за несреќата сè уште се истражуваат.