Вештачката интелигенција и радикализацијата на младите: растечки безбедносен ризик во Европа
Иако вештачката интелигенција (ВИ) носи значајни придобивки, таа сè повеќе се препознава како фактор што придонесува за радикализација на младите. Последните случаи низ Европа укажуваат на алармантен тренд: тинејџери, некои дури и на возраст од 13 или 14 години, се вмешани во планирање терористички напади врз јавни места како музички сали, трговски центри и верски објекти.
Според Wall Street Journal, десетици малолетници биле уапсени ширум Европа во последните месеци под сомнение за терористички заговори. Белгија се издвојува како особено загрозена: околу една третина од сите случаи на тероризам меѓу 2022 и 2024 година таму вклучувале малолетници. Во Обединетото Кралство, речиси секој петти осомничен за тероризам е под 18 години.
„Она што е ново и загрижувачко е возраста – се повеќе млади лица директно учествуваат во подготовка на насилни напади“, вели Томас Ренард, директор на Меѓународниот центар за борба против тероризмот во Хаг.
Интернетот – главен канал за радикализација
Речиси сите случаи на радикализирани млади имаат заедничка основа: интернетот. Онлајн просторот игра клучна улога во забрзувањето на процесот на радикализација.
Според Глобалниот индекс на тероризам, времето потребно за радикализација се скратило од просечни 16 месеци во 2002 година на само неколку недели во денешно време.
Случајот на Абдул Керим Гадаев – профил на „онлајн екстремист“
Еден од најистакнатите случаи е оној на 19-годишниот Абдул Керим Гадаев, чеченски бегалец во Белгија. Тој бил радикализиран по депортацијата на неговиот татко од Франција во Русија, што кај него предизвикало чувство на отуѓеност. Онлајн, преку TikTok и Signal, се поврзал со групи кои споделувале екстремистички идеи, вклучувајќи планови за напади. Во неговата група имало членови и од само 13 години. Мета на нивниот потенцијален напад била концертна сала во центарот на Брисел.
Во март 2024 година, белгиската полиција го уапсила Гадаев заедно со уште тројца малолетници.
Улогата на алгоритмите и вештачката интелигенција
Според експертите, алгоритмите на социјалните мрежи играат огромна улога во засилување на радикалната содржина. Тие „туркаат“ насилен и идеолошки набиен материјал до младите, создавајќи дигитална средина каде што екстремизмот се нормализира.
„Вештачката интелигенција и алгоритмите денес ја вршат работата на харизматичниот регрутер, но со многу поголема ефикасност“, вели Џулија Ебнер, експерт за онлајн радикализација од Оксфорд.
Други алармантни случаи
Во Австрија, 14-годишно девојче од Црна Гора беше уапсено под сомнение за подготовка на напад врз „неверници“, а кај неа беа пронајдени секира, нож и пропагандни материјали на Исламската држава.
Во Виена, тројца тинејџери планирале напади на концерти на Тејлор Свифт, а во првите осум месеци од војната во Газа, во Европа биле уапсени 60 исламистички екстремисти, од кои две третини биле тинејџери, според професорот Питер Њуман од Кингс колеџ во Лондон.
Апел до технолошките компании
Вики Еванс, координатор на британската антитерористичка полиција, повикува на зголемена соработка со технолошките компании, со цел да се спречи ширењето на опасна содржина преку интернет и да се заштити младата популација од онлајн манипулации.