Фотографија генерирана со вештачка интелигенција се користи на социјалните мрежи за ширење лажни тврдења дека пукањето на познатата плажа Бонди било инсценирано. Спорната слика е прегледана повеќе од 10 милиони пати и предизвика лавина од дезинформации и теории на заговор.
На фотографијата се гледа човек со крваво лице, на кој наводно му се нанесува лажна крв од шминкер, што се претставува како „доказ“ дека станува збор за режиран настан. Сепак, според анализата на BBC Verify, фотографијата е целосно лажна и создадена со помош на вештачка интелигенција.
Лицето на фотографијата наликува на Арсен Островски, израелски адвокат кој навистина бил повреден за време на инцидентот, откако куршум го изгребал по главата. Тој претходно објави фотографии од своите повреди на социјалните мрежи, кои подоцна биле злоупотребени за креирање на лажната ВИ-слика.
„Ги видов овие фотографии додека ме подготвуваа за операција и нема да ѝ дадам значење на оваа болна кампања на лаги и омраза“, изјави Островски за BBC Verify.
Од Би-Би-Си предупредуваат дека ваквите случаи покажуваат колку лесно вештачката интелигенција може да се користи за манипулација со јавноста и поткопување на довербата во вистински настани. Експертите апелираат граѓаните внимателно да ги проверуваат изворите и да не споделуваат непроверени содржини, особено кога станува збор за трагични настани.
















