Најмалку 13 Палестинци го загубија животот во новите напади на израелската армија, додека уште шестмина починале од глад во Појасот Газа, кој веќе е погоден од хуманитарна криза, соопштија лекарите и Министерството за здравство на палестинската енклава.
Медицинските извори наведуваат дека меѓу жртвите е и бремена жена со нероденото дете, кои загинале во напад врз станбена зграда во западниот дел на градот Газа. Дополнително, три лица загинале во напад врз друга куќа во централниот дел на градот. Израелските сили, исто така, таргетирале шатори со раселени цивили, сместени близу Специјалната болница Рантис во населбата Наср, при што има и сериозно повредени.
Во исто време, израелската армија продолжи со гранатирање на куќи во населбата Шеик Радван како дел од планот за постепено повторно окупирање на Појасот Газа, одобрен од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху на 8 август. Израелските беспилотни летала фрлале запаливи бомби врз шаторите на раселените лица и тезгите на пазарот Шеик Радван, предизвикувајќи пожари. Очевидци пријавиле гранатирања во населбите Зејтун и Сабра.
Во централниот дел на Газа, пет лица биле убиени, а пет други ранети во напади врз бегалскиот камп Нусеират. Министерството за здравство извести дека уште шест лица, меѓу кои и едно дете, починале од глад и тешка неухранетост во изминатите 24 часа, со што бројот на смртни случаи поврзани со глад се искачи на 367, вклучувајќи 131 дете.
Од октомври 2023 година, израелските операции резултирале со повеќе од 63.500 загинати Палестинци, додека Појасот Газа останува опустошен и соочен со хуманитарна катастрофа. Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издал налози за апсење на премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа. Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради воените операции во енклавата.