Трагичен инцидент ја потресе југозападна Колумбија, откако за време на автомобилско шоу во градот Попајан возило од тип АТВ излетало од патеката и влетало директно меѓу гледачите.
Според локалните власти, најмалку три лица го загубиле животот, додека 38 се повредени во настанот кој се случил за време на демонстрација на возење и акробации со возила.
Инцидентот го потврди градоначалникот на Попајан, Хуан Карлос Муњос, кој соопшти дека возилото се движело по специјално поставена патека со препреки, но во еден момент возачот ја изгубил контролата.
Според снимките кои се појавиле на социјалните мрежи, АТВ-то по изведена каскада ненадејно се свртува кон делот каде што се наоѓала публиката, по што пробива метални бариери и навлегува меѓу гледачите.
Локалните власти информираат дека возачката не успеала да го стабилизира возилото, што довело до излетување од трасата и трагичниот исход.
Хуан Карлос Муњос изрази длабока тага поради несреќата и најави дека е започната детална истрага за да се утврди како точно дошло до инцидентот и дали биле почитувани сите безбедносни протоколи.
Истражните органи во Колумбија работат на утврдување на одговорноста, додека јавноста бара одговори за тоа како ваков настан можел да се случи пред публика.








