Долгогодишното бегство на македонски државјанин осомничен за тешко кривично дело заврши во Тирана, каде што албанската полиција го уапси во рамки на голема меѓународна акција. Станува збор за 52-годишен маж, по кого со години била распишана меѓународна потерница поради сомнение за три убиства извршени во Северна Македонија.
Апсењето е реализирано во 80-тата фаза од полициската операција со кодно име „Оперативец“, по неколкумесечна интензивна истрага на специјалните оперативни единици. Осомничениот бил лоциран во реонот на Суво Езеро во албанската престолнина, каде што се криел користејќи лажен идентитет.
Според официјалните информации, лицето користело фалсификувани документи – пасош, лична карта и возачка дозвола на име на наводен државјанин од Косово, кои биле пронајдени и одземени при претресот.
Потерницата по него била активирана од Интерпол Скопје, откако во 2007 година Судот во Скопје му одредил притвор за кривично дело убиство, за кое е предвидена најстрога казна – доживотен затвор. Според сомнежите, злосторството било извршено на 5 октомври 2007 година во скопското село Копаница, при што со огнено оружје биле лишени од живот три лица.
Албанските власти веќе покренаа посебна постапка за фалсификување исправа, додека Интерпол Тирана и Интерпол Скопје ги координираат следните чекори за негова екстрадиција во Северна Македонија.

















