За првпат по повеќе од еден век, канадските вооружени сили официјално ја разгледуваат можноста за закана што доаѓа од југ – од Соединетите Американски Држави. Според странски медиуми, воените планери во Канада изработиле специјален модел за одбрана во случај на можна американска инвазија, поттикната од контроверзните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на канадска територија.
Во извештајот се наведува дека канадските генерали се свесни за огромната воена надмоќ на САД и дека, во таков случај, земјата не би можела да се спротивстави со класично војување. Наместо тоа, Канада би се потпрела на неконвенционални методи на одбрана.
Според сценариото, канадската армија и вооружени цивили би применувале тактики слични на оние што авганистанските муџахедини ги користеа против американските сили – напади од заседа, брзо повлекување, постојано исцрпување на непријателот и избегнување директни фронтални судири. Во моделот се предвидува и масовна употреба на беспилотни летала, по примерот на украинската армија во конфликтот со Русија, со цел нанесување што е можно поголеми загуби.
Канадските одбранбени претставници проценуваат дека, во случај на директен напад, американските сили би можеле да ја пробијат канадската одбрана за само два дена. По таков развој на настаните, Канада би започнала долготраен отпор, сличен на 20-годишната герилска борба што џихадистите ја водеа во Авганистан против САД, објавува „Телеграф“.
Канадската војска моментално брои околу 71.500 активни војници и околу 30.000 резервисти, што е далеку помалку во споредба со американските вооружени сили, кои располагаат со околу 2,8 милиони активни и резервни војници. Со цел да се намали оваа разлика, началникот на Генералштабот за одбрана на Канада, генерал Џени Карињан, најавил план за формирање огромна резервна сила од дури 400.000 волонтери.
Висок извор од канадската одбрана изјавил дека, од моментот кога би се појавиле првите индикации за зголемено американско воено присуство, Канада би имала максимум три месеци за подготовка за можна копнена и поморска инвазија. Во планските документи се наведува дека во такво сценарио би била побарана помош од сојузниците, меѓу кои Обединетото Кралство и Франција.
И покрај деталната разработка на ваквиот модел, самите автори нагласуваат дека веројатноста САД навистина да нападнат канадска територија е исклучително мала. Пензионираниот генерал-потполковник Мајк Деј, поранешен главен стратешки планер на канадските вооружени сили, ја оцени идејата за американска инвазија како „фантастична“, но додаде дека, доколку до тоа сепак дојде, дури ни Америка не би имала доволно војници за долгорочна окупација на сите поголеми канадски градови.
Во анализата се нагласува и поширокиот геополитички контекст, при што се оценува дека под водство на Доналд Трамп, САД постепено се оддалечуваат од својата традиционална улога како столб на западните сојузи, улога што ја имаат од крајот на Втората светска војна.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека светскиот поредок покажува јасни знаци на нестабилност, наведувајќи дека постои „пукнатина во глобалниот систем“, особено по изјавите на Трамп за преземање на Гренланд, што дополнително ги засили стравувањата и безбедносните анализи во Отава.

















