Израелската армија извршила упад во објекти на Светската здравствена организација (СЗО) во Појасот Газа, објави директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус. Во централниот дел на Газа, во Деир ал-Балах, биле нападнати резиденцијата и складиштето на организацијата, при што жени и деца биле присилени пеш да бегаат кон Ал-Маваси додека траеле борби.
Машкиот персонал и членовите на нивните семејства биле врзани, соблечени и испрашувани под закана од огнено оружје. Двајца вработени и двајца членови на семејства биле притворени, од кои тројца се ослободени, а еден и натаму останува во притвор.
Дополнително, складиштето на СЗО било оштетено од експлозии и пожар. Тедрос изјави дека ваквите напади ја парализираат здравствената помош во Газа и повторно повика на итен прекин на огнот.
Израелската армија сè уште нема дадено коментар за инцидентот, но познато е дека тие се вклучиле во борби против Хамас токму во тој регион. Дел од областа Ал-Маваси, која претходно беше означена како хуманитарна зона, исто така е повеќекратно нападната.