Израел остро реагираше на најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција во септември ќе ја признае државата Палестина. Израелскиот министер за одбрана, Израел Катц, го нарече овој потег „срам“ и „предавство на жртвите од тероризмот“.
„Ова е награда за убијците и силувачите од Хамас, кои го извршија најголемиот масакр врз еврејскиот народ од Холокаустот“, напиша Катц на мрежата X, обвинувајќи го Макрон дека наместо да го поддржи Израел, работи на негово ослабување.
Тој подвлече дека Израел нема да дозволи создавање палестински ентитет што би ја загрозил неговата безбедност и опстанок.
Од друга страна, Макрон објави дека ќе го официјализира признавањето на Палестина на седницата на Генералното собрание на ОН во септември. Тој веќе испратил писмо до палестинскиот претседател Махмуд Абас, изразувајќи поддршка за независна и демилитаризирана палестинска држава која ќе го признае Израел и ќе придонесе за стабилност на Блискиот Исток.
Макрон подвлече дека „францускиот народ сака мир“, и нагласи дека меѓународната заедница мора да работи за крај на војната во Газа и помош за цивилите.