Топлинскиот бран во Грција продолжува, а температурите достигнуваат и до 46 степени Целзиусови. Највисока температура од 45,8 степени е измерена во петок во Скала, на полуостровот Пелопонез.
Во Атина и во Пиреја температурите достигнаа 42 степени. Поради екстремната жега, грчките власти одлучија Акрополата во Атина да остане затворена за посетители во најтоплите делови од денот, од 12 до 17 часот, мерка која важи од вторник.
Метеоролошката служба EMY предупредува дека топлинскиот бран ќе трае до понеделник, пред очекуваниот релативен пад на температурите. Неколку региони се ставени во висока приправност поради зголемен ризик од пожари.
Во североисточниот регион Килкис веќе беснее голем пожар, поради што се евакуирани домови и компании. Интензивната употреба на клима уреди предизвикува големо оптоварување на електроенергетската мрежа.

Грција оваа година бележи најдолг топлински бран од кога се вршат мерења, а локално температурите надминаа 46 степени. Летото 2024 беше едно од најтоплите во историјата на мерните станици во земјата.