ПРВ.мк

Истанбул повторно се тресе: Повредени над 230 лица, регистрирани 127 последователни потреси

Истанбул повторно се тресе: Повредени над 230 лица, регистрирани 127 последователни потреси
Jumbo Banner

Силен земјотрес во Истанбул: Повредени 236 лица, регистрирани 127 последователни потреси

Во Истанбул денеска, нешто по пладне, беше почувствуван силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во Мраморното Море, во близина на округот Силиври. Според податоците од Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАД), по главниот потрес следеле дури 127 последователни земјотреси, од кои најсилниот бил со јачина од 5,9 степени.

Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, потврди дека иако нема загинати, една зграда е срушена во централната општина Фатих, а девет куќи се евакуирани како мерка на претпазливост.

Министерот за здравство, проф. д-р Кемал Мемишоглу, информираше дека 236 лица се повредени, од кои 173 во Истанбул, 24 во Текјрдаг и Сакарија, две во Јалова и три во Бурса. Поголемиот дел од повредите настанале како резултат на скокање од повисоки места поради паника.

„Во град со 16 милиони жители, како што е Истанбул – поголем од 131 држава во светот – добивме нешто над 10.000 повици, што е релативно мал број“, рече Јерликаја, додавајќи дека поголемиот дел од повиците биле информативни или поврзани со загриженост за безбедноста на објектите.

Канцеларијата на гувернерот објави дека за граѓаните кои не се чувствуваат безбедно да се вратат во своите домови, се отворени училишни дворови, спортски сали и џамии како привремени засолништа.

Турската црвена полумесечина активно се вклучи во помошта, обезбедувајќи храна, топли и ладни пијалаци и вода на граѓаните. Претседателката на организацијата, Фатма Мерич Јилмаз, изјави дека над 1.000 вработени и волонтери, како и 65 мобилни кујни, веќе се распоредени низ Истанбул, а план е тој број да се зголеми на 3.000.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран