Иранските вооружени сили денеска испратија застрашувачка порака до САД и Израел, предупредувајќи дека ќе им одржат „лекција каква што никогаш не доживеале“. Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи, изјави дека по утринските воздушни напади на американските и израелските сили врз ирански цели, Иран веднаш одговорил со ракетни удари на сите локации што биле во служба на овие арми.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја“, рече Шекарчи. Тој посочи дека израелските бази веќе се соочиле со проблеми и најави дека подоцна ќе следува уште поостар „шамар“.
Иранскиот функционер ги повика граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните вести преку националните медиуми, додавајќи дека гласините и шпекулациите не треба да предизвикуваат паника. Според агенцијата Тасним, ракетните напади биле насочени кон секоја локација која ја користеле американските и израелските сили, како одговор на претходните удари.
Оваа изјава доаѓа во критичен момент на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз ирански цели, а Иран возврати со балистички ракети кон сојузнички и американски објекти во регионот. Меѓународните аналитичари предупредуваат дека ситуацијата може да се продолжи со денови или недели, а ризикот од ширење на конфликтот е висок.
Во меѓувреме, граѓаните на земјите од Заливот, вклучувајќи ги ОАЕ, Катар и Бахреин, веќе се соочуваат со евакуации, засилена противвоздушна одбрана и затворање на аеродромите како превентивни мерки за заштита од можни удари.

















