Необичен и вознемирувачки настан се случил вчера во Швајцарија, кога авион од типот „Ербас А321“, кој припаѓа на компанијата „Бритиш ервејз“, бил погоден од гром непосредно пред да слета во Женева, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, драмата се одвивала во последните моменти од летот, кога временските услови нагло се влошиле. Сведоци раскажуваат дека во тие моменти во авионот се чувствувала силна напнатост, а дел од патниците биле видно вознемирени поради силното невреме што беснеело околу леталото.
Еден од патниците изјавил дека ситуацијата била напната и дека луѓето навистина се исплашиле, особено поради интензитетот на молњите, кои според него биле посилни и почести од било кога претходно што го доживеал.
Првиот обид за слетување не бил успешен токму поради опасните временски услови. Пилотот бил принуден да ја одложи постапката и да кружи во воздух додека невремето не се смири, со цел да се обезбеди максимална безбедност за сите патници и екипажот.
Откако бурата стивнала и условите се подобриле, авионот успеал безбедно да слета на аеродромот „Коинтрин“ во Женева. И покрај драматичната ситуација, најважно е што нема пријавени повредени лица, а инцидентот завршил без сериозни последици.










