Контроверзен отстрел на коали од хеликоптери по пожарите во Австралија: Активистите реагираат
По катастрофалните шумски пожари во Австралија, стотици коали биле убиени од снајперисти од хеликоптери во рамки на контролирана акција за отстрел на диви животни, со цел да се спречи нивното страдање од глад и повреди. Акцијата, која се спроведуваше над подрачјето на Националниот парк Будџ Бим, предизвика жестоки реакции од активистите за заштита на животните.
Според напис на британскиот Independent, пожарите уништиле илјадници хектари шума, оставајќи многу коали изгорени, жедни и гладни. Австралиските власти одлучиле да интервенираат преку масовна еутаназија, за која велат дека е хуман начин да се ублажат страдањата на преживеаните животни.
Сепак, методата на отстрел од воздух, со хеликоптери, наиде на жестока критика од страна на организациите за заштита на животни. Според нив, досега се убиени над 700 коали, а постои загриженост дека бројката ќе продолжи да расте.
Претседателката на организацијата Koala Alliance, Џес Робертсон, изјави дека локалните заедници се шокирани од начинот на кој се извршува отстрелот.
„Никој не може со сигурност, од хеликоптер, да процени во каква здравствена состојба се коалите. Тоа е апсолутно нечовечно“, истакна таа.
На нивниот официјален Фејсбук профил, организацијата објави фотографии од хеликоптери кои кружат над опожарените шуми. Од Koala Alliance потенцираат дека не се против хуманата еутаназија, но се категорично против, како што велат, систематското и брутално убивање на животни.
„Овие коали дојдоа од плантажа со сина евкалиптус, која неодамна беше расчистена во близина на националниот парк. Се уште се пука таму. Ако во коалите се пука додека се на дрвјата, тоа значи дека многу младенчиња се оставени сами да страдаат и умираат. Тоа е нечовечно и одвратно“, велат од организацијата.
Дополнително, тие посочуваат дека пожарот во Националниот парк не се случил случајно.
„Ова е последица на децении лошо управување со природните ресурси. Никој не може со сигурност да каже како започнал пожарот, но тајмингот и блиската жетва на плантажите предизвикуваат сериозна загриженост“, стои во нивната објава.
Активистите бараат итен прекин на ваквите методи и повикуваат на транспарентност и алтернативни решенија што ќе го почитуваат животот на овие уникатни животински видови.