Во координирана меѓународна акција, полицијата уапси четири лица осомничени за делување во организирана криминална група за трговија со дрога. Главниот осомничен, Срѓан Шошкиќ, кој важел за локален нарко-бос, бил уапсен во Србија, соопштија истражните органи.
Истрагата покажала дека Шошкиќ поседувал транспортни компании во Словенија, Бугарија и Словачка, преку кои, според сомнежите на полицијата, се вршел таен транспорт на наркотични супстанци. Тој и уште едно лице биле приведени во Србија, додека третиот член на групата бил уапсен во Шпанија на 27 ноември, а четвртиот во Австрија уште на 21 март.
Од 4 декември 2024 година до денес, групата се занимавала со производство и меѓународна распределба на дрога. Само во Шпанија и Австрија биле запленети наркотични средства со пазарна вредност од над три милиони евра.
Според истражителите, Шошкиќ бил организаторот на криминалната мрежа и сопственик на транспортната компанија „Ваки транс“ во Словенија, која, како што се сомневаат, била ставена во функција на шверцот. Камионите и возачите, покрај редовната стока, тајно превезувале дрога низ Европа.
Групата е осомничена дека транспортирала околу 81,2 килограми кокаин, 110 килограми марихуана и околу 15.000 евра, а во криминалните операции користела и луксузни автомобили. Истражителите продолжуваат со работа на случајот за целосно разоткривање на мрежата.


















