Третата рунда руско-украински преговори што се одржа на 23 јули во Истанбул заврши за помалку од еден час – доволно долго за да се оправдаат дневниците, но премалку за вистински напредок.
Станува сè појасно дека Москва не е сериозно заинтересирана за преговори – не за вистински мир. Русија продолжува со воените операции и упорно повторува познати барања: Украина да се откаже од НАТО, да биде неутрална, да ја прифати анексијата на територии и да се повлече дури и од деловите кои Русија моментално не ги контролира.
Путин одбива средба со Зеленски
Украинскиот преговарач Рустем Умеров предложи директна средба помеѓу претседателите Зеленски и Путин во август, со присуство на Доналд Трамп, Таип Ердоган и Урсула фон дер Лајен. Русија одби. Според официјален Кремљ, таков формат би значел „Русија против сите“, а Путин смета дека средбата со Зеленски би изгледала како признавање на неговиот легитимитет – нешто што тој сака да го избегне по секоја цена.
НАТО згрозен: Русите зборуваат за историја од XII век
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, бил шокиран од настапот на шефот на руската делегација, Владимир Медински, кој на состанокот зборувал за историјата на руско-украинските односи од XII век, без никаков конкретен предлог за решавање на конфликтот.
Единствен резултат: размена на тела и затвореници
Иако не беше постигнато ништо значајно, договорена е размена на загинати војници и на околу 3000 заробеници. Медински предложи прекин на огнот од 24–48 часа само за прибирање на мртвите тела – но не и трајно примирје.
Трамп под притисок – дали следува ултиматум?
Наводно, Доналд Трамп му поставил ултиматум на Путин кој истекува на крајот на август, со закана од дополнителни санкции и царини за купувачите на руска нафта. Во исто време, САД одобрија нов пакет воена помош за Украина вреден 322 милиони долари, вклучувајќи HAWK ракети и борбени возила Bradley, како и долгодометни ракети со кои Киев може да удри во срцето на Русија – дури и до Москва или базите на Кола.
Без нов датум за преговори
Нема договор кога и дали ќе има нова рунда преговори. Во меѓувреме, фронтот останува активен, а надежта за дипломатско решение – сè пооддалечена.